Плаќаат за кило, а добиваат помалку!

Плаќаме за кило, а добиваме помалку! Вака велат граѓаните кои излегуваат од маркетите и пазарите. Оние кои купуваат во продавници велат дека во последниот месец забележале намалување на количината на пакувањата со исти прехранбени производи. Но, дури ни кога купуваат на пазар велат дека не добиваат онолку колку што плаќаат.
Поплаките на граѓаните стигнале и до Државниот пазарен инспекторат од каде откриле неправилности на некои продажни места во однос на грамажата на лебот покрај декларацијата со продажната цена. Директорката на инспекторатот рече дека покрај пакувани и амбалажирани производи, почнале контроли и на пазарите на големо, каде што постојат сомнежи за местење на вагите.
Ваквите пријави уследија по прилогот на Алсат, каде граѓани се пожалија дека се чувствуваат измамени. За ваквите манипулации на трговците законот предвидува казни за измама до 4 илјади евра за фирмата и до 1.200 евра за одговорното лице. Сепак, досега никому не му се изречени вакви казни.
Аднан Ќаили