ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Планот на Макрон е прифаќање на бугарските барања во преговарачка рамка?

Нов обид на француското претседателство да ја закаже првата Меѓувладина конференција со Македонија, со што и практично би започнале преговорите за членство. Како што пишува бугарската агенција БГНЕС, францускиот претседател Емануел Макрон ги поканил бугарскиот колега Румен Радев, како и премиерот Кирил Петков на средба во Париз, каде наводно тие би добиле гаранција дека сите барања на Софија ќе бидат дел од преговарачката рамка за земјава, а во спротивно Бугарија ќе треба да ја крене блокадата. Петков утринава не демантираше дека ќе замине за Париз, а на прашањето дали очекува разврска на спорот во јуни, тој одговори:

Advertisements

„Тука зависи и од Европа, до кој степен тие би ги прифатиле условите кои се многу важни за Бугарија. Сега сè е на ниво на дипломатите и нека тие да си ја завршат работата, потоа ќе дојде и на ниво на политичари, а на крај и бугарскиот Парламент, кој ќе треба да ја донесе крајната тешка одлука“, рече Петков.
Во меѓувреме, шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска сподели дека наскоро во Скопје повторно ќе се состанат дипломатите од двете земји кои преговараат за отворените политички прашања.

„Мислам дека веќе дојде времето да ги намалиме тензиите меѓу двете министерства за надворешни работи и чисто формално да отидеме и да го посетиме, на реципрочна основа, тимот на експерти од Северна Македонија“, рече Генчовска.

Според БГНЕС, коалициските партнери на Петков, кои беа против постигнување на решение и го обвинуваа дека води попустлива политика кон Македонија, на коалициската средба рекле дека нивните пратеници ќе гласаат по лична совест и се согласиле во наредните две недели да не го коментираат јавно спорот со земјава.

Доколку бугарското Собрание прифати решение, со преговарачка рамка која ќе ги содржи сите барања на Софија, топката ќе се префрли во Скопје. Предлог-преговарачката рамка на Брисел, што ќе треба да ја одобрат сите земји-членки, ќе биде ставена на гласање и во македонското Собрание.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button