„Плацеви на Водно“, рочиштето одложено, ќе продолжи на 19 август

Почна, па се одложи. Судењето за случајот „Плацеви на Водно“ не се одржа. По првото рочиште, каде обвинителството побара сите обвинети да се прогласат за виновни, Кривичен денеска информираше дека нема услови за судење. Бизнисменот Орце Камчев и екс директорот Сашо Мијалков останаа во Шутка. Нивните адвокати чекаат превод на доказ кој го предложи обвинителството за организиран криминал – документ обезбеден преку меѓународна правна помош со кој треба да докаже како преку оф шор фирми од Белизе и преку банкарски сметки од Швајцарија биле купувани плацеви во елитниот дел на Водно.
„Ја информираме јавноста дека заради барање на одбраната за превод на доказите на обвинителството доставени на англиски јазик, на македонски јазик, како и зафатеност на адвокатот поставен по службена
должност во предметот означен од обвинителството како „ТНТ“, денешното судење за „Плацеви на Водно“ се одлага“, наведуваат од Кривичен.
„Плацеви на Водно“ ќе продолжи да се суди по еден месец пауза, на 19 август. Во меѓувреме Кривичен чека мислење од обвинителството за барањето на Камчев, притворот во Шутка да го замени со поблага мерка. И на стартот на судењето во петокот, неговите адвокати го информираа судот, дека бизнисменот е со нарушено здравје поткрепено со лекарска документација која покажувала дека условите во Шутка може да бидат кобни за бизнисменот.
Освен Камчев и Мијалков, на обвинителна клупа се и мајка му на Камчев, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ. Прво обвинет е бегалецот Никола Груевски. Ќе му се суди во отсуство. Според обвинителството, Груевски додека го водел ВМРО – ДПМНЕ, 1,3 милиони евра донации наместо за партијата си ги присвоил. Потоа купил плац на Водно со идеја да гради куќа во барок стил препознатлив за неговото владеење. Дополнително купил и плацеви во Крушево и 11 илјади метри квадратни на падините на Водно кои потоа му ги продал на Камчев под притисок на „бомбите“ кои беа објавени. Груевски е обвинет за перење пари и против законито стекнување имот, додека останатите за перење пари и помагање.
Бојан Стојановски