„Плацови на Водно“, Обвинителството бара максимална казна за Груевски

Случајот „Плацови на Водно“ влезе во самиот финиш. Обвинителката Лиле Стефанова во завршниот збор побара конфискација на имотот. Станува збор за земјишта на Водно и во Крушево, два стана на улицата „Бихачка“ во Скопје, како и на трите луксузни апартмани во „Панорама резиденс“. За екс премиерот Никола Груевски се бара максимална казна.
„Судот да има во предвид, како отежителни околности, дека обвинетиот цело време како премиер и претседател на политичка партија, која била на власт подолго од 10 години, ја користел својата позиција да се скрие неговиот имот и до крај, до завршувањето на оваа постапка, тоа го правеше“, рече обвинителката Стефанова.
Според адвокатот на Груевски кој му беше доделен по службена должност и го плаќа државата, Обвинителството нема доволно докази против него. Тој побара Груевски да биде ослободен од обвинение.
„Од сите докази коишто беа презентирани во оваа постапка, од страна на обвнителството и од одбраната, како материјални, така и вербални, можеме да заклучиме дека имаме предмет кој се заснова на еден куп претпоставки, филмувани индиции, но ниту еден сериозен доказ на кој судот може да темели пресуда за еден вака сериозен предмет“, рече Петар Тимовски, адвокат на Груевски.
Обвинителката Стефанова во завршниот збор побара висока казна за екс шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков. За бизнисмените Орце Камчев и Ненад Јосифовиќ таа побара казна затвор во законскиот минимум, додека за Ристо Новачевски побара условна казна. Стефанова го повелече обвинението за мајката на Камчев, Ратка Куновска-Камчева, бидејќи делото е застарено.
Игор Стефановски