ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

По 3 и пол години, сѐ уште нема обвинителска одлука во врска со истрагата за јавните набавки за изградбата на 19 монтажни болници во државата

По 3 и пол години, сѐ уште нема обвинителска одлука во врска со истрагата за јавните набавки за изградбата на 19 монтажни болници во државата

И покрај судскиот процес, јавноста бара поголема одговорност за трагедијата во Модуларната болница во Тетово што се случи на 8 септември 2021 година, при што во пожарот загинаа 14 пациенти и нивни роднини. Семејствата на жртвите континуирано изразуваат револт и несогласување со истрагата на Обвинителството, а истото го повторија и минатиот месец преку официјално писмо, во кое од јавниот обвинител Љупчо Коцевски побараа да се обнови истрагата и, покрај актуелните одговорни лица, пред правдата да бидат изведени и други надлежни лица.

Advertisements

„Време е некој да преземе одговорност за правдата да излезе од фиока. Како семејства на жртвите бараме од вас да се обнови истрагата за сите вистински виновници за пожарот во Модуларната болница во Тетово“, рече Мумин Исмаили, роднина на жртвата.

Проширување на истрагата се бара по моделот за трагедијата во Кочани, иако случаите и околностите се различни. За опожарувањето на дискотеката „Пулс“, Обвинителството отвори истрага против над 60 лица, а временскиот период што се истражува опфаќа десет години. Меѓу осомничените има министри, градоначалници, директори на различни институции, инспекторати, полициски службеници и командири, и други функционери.

Од друга страна, за трагедијата со модуларната болница досега пред лицето на правдата се изведени само две лица, односно двајцата директори на Тетовската болница кои биле на функција, Флорин Бесими и Артан Етеми. Тие се обвинети врз основа на член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик за дело кое ја загрозува општата безбедност, како и за неисполнување на препораките за време на епидемијата. Според обвинението, тие се сметаат за одговорни бидејќи не презеле мерки за поставување соодветни уреди и инсталации за заштита од пожар. Во истрагата беше вклучен и дежурниот лекар Бобан Вучевски, но тој беше ослободен од вина. Прашањата кои сè уште немаат одговор се: кој е одговорен за нарачката, подготовката и поставувањето на модуларната болница, како и за извештајот за техничките спецификации на објектот.

Понатаму, одговорност треба да се бара и кај лицата задолжени за примопредавањето, пуштањето во употреба, како и кај институциите и надлежните службеници за контрола на електричните инсталации и заштитата од пожар. Особено, во околности кога е утврдено дека модуларната болница е изградена од лесно запалив материјал, а притоа не поседувала систем за противпожарна заштита. Во септември 2021 година, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека по пожарот во Модуларната болница е отворен предмет за контрола на имплементацијата и спроведувањето на јавната набавка за изградба на сите 19 модуларни болници во државата, вклучително и онаа во Тетово. Според најавите, целокупната документација за изградбата на овие болници требаше да се анализира во насока на утврдување дали набавката е во согласност со техничката документација на објектите. Сепак, поминаа 3 и пол години од тогаш, а сè уште нема јавнообвинителска одлука.

„По предметот постапува Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во предистражна постапка и се преземаат контролни дејствија. Во моментов, по приемот на поднесокот–претставка во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, предметот е во разгледување кај републичкото обвинителство и сè уште не е донесена обвинителска одлука“, велат од Основно јавно обвинителство.

Официјалната верзија за причина за пожарот во Модуларната болница е краток спој на електричната енергија за време на реанимација на еден пациент, по што се прегреал и потоа се запалил продолжниот кабел на кој биле приклучени дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден уред. Пожарот веднаш ја зафатил просторијата, а за неколку минути објектот целонсо изгоре./Алсат.мк

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button