По 55 години раскол, МПЦ и СПЦ денеска се смирија

Поглаварот на Македонската православна црква, Стефан и на Српската, патријархот Порфириј, денеска одржаа заедничка литургија во Белград како помирување на двете цркви по повеќе од половина век раскол.
Имено, Српската и Македонската православна црква ги прекинаа официјалните односи во 1967 година кога МПЦ во времето на Југославија, прогласи автокефалност. Автокефалност значи целосна независност, во овој случај од Српската црква, бидејќи таа од 1920 година последна управувала со православниот црковен живот на територијата на Вардарска Македонија кога нашата земја беше дел од Србија.
Но, веднаш по овој чин на прогласување на независност, духовните власти во Белград остро ги прекинаа односите со МПЦ и побараа и сите други православни цркви во светот да го сторат истото. Тоа и се случи.
Ваквата ситуација на целосна изолација на МПЦ траеше 55 години сè до минатата недела кога Вселенската патријаршија во Истанбул, православната црква во Македонија ја призна за канонска, односно за легална.
На тој начин, Македонската црква, свештениците, монасите и народот, повеќе не беа сметани за исклучени од православниот свет.
Вселенската патријаршија има посебна важност во православието затоа што е создадена веднаш по распаѓањето на Римското царство и со векови била главна црква на православните христијани во светот.
За МПЦ, Вселенската патријаршија го употреби името Охридска црква, според називот на старата Охридска архиепископија која го уредувала црковниот живот кај нас до 18 век.
Но, со денешната заедничка литургија во Белград не значи дека МПЦ веднаш добива независност од Српската, туку само двете цркви повторно ги воспоставуваат односите прекинати во 1967 и оти МПЦ повеќе не е во светска изолација.
За статусот и евентуалната автокефалност ќе следуваат дополнителни преговори со црковен Белград. Дотогаш МПЦ го има статусот на самостојна, односно автономна црква од СПЦ.
Алсат