МАКЕДОНИЈА

По четири месеци без денар, вработените во ЈКП Тетово ќе добијат плата

Општина Тетово ќе го субвенционира општинското јавно комунално претпријатие „Тетово“ со 25 милиони денари. Парите се наменети за плати на околу 200 работници во оваа компанија кои последен пат пари добиле пред четири месеци. Одлуката беше одобрена на вонредна седница на Советот. Дополнително, платите за овој месец на градоначалникот, претседателот на Советот и на директорот ќе бидат донирани за вработените во претпријатието.

Advertisements

„Ова е краткорочно решение до Нова година каде општината или советот како основачки орган на претпријатието, ќе ги покрие сите трошоци за работниците со договор што ги создаде ЈКП. Финансискиот сектор ќе го следи работниот процес и ќе побарам од претпријатието да донесе детален список на вработени кои се под договор“, рече Бесар Дурмиши- претседател на советот на општина Тетово.

„Сметаме дека оваа помош е привремена, што значи помош за платите на лицата со договор од осми месец до декември, со тоа што после декември следува долгорочно решение како што напомена градоначалникот. Предвидено е по Нова година да се основаат две нови правни лица. Причина за неисплата на плати е неплаќање на сметките на граѓаните кон Јавното претпријатие“, изјави Љуљзим Шаќири ЈКП „Тетово“- Тетово.

Ваквата одлука наиде на остри реакции кај опозицијата која бара прецизирање на списокот на вработени и гаранција дека парите ќе завршат кај овие лица. Советниците на ДУИ во знак на револт ја напуштија седницата на Советот.

„Причините што ги наведоа не држат. Имаме сомневања затоа побаравме да се даде детален извештај за средствата што ги бара ЈКП „Тетово“, бидејќи се работи за околу 35 милиони денари што компанијата ги бара за плати на работниците. Ние не сме против, но бараме детален извештај од компанијата, бараме список на вработени од нивното доаѓање и список на вработени со договор на дело“, рече Лиридон Диша- советник на ДУИ.

Во меѓувреме, во јануари јавното претпријатие „Тетово“ се очекува да се подели на две – комунална хигиена и водовод и канализација. На овој начин ќе се подели и долгот на компанијата од 9,5 милиони евра. Но, претпријатието се соочува и со многу низок процент на наплата од граѓаните. Таа во последниве три години не е поголема од 25 проценти.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button