ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

По две недели МВР утврди како затворена седница заврши на Јутјуб

По третиот јавен повик од страна на премиерот Димитар Ковачевски до Министерството за внатрешни работи, две недели по настанот, полицијата успеа да утврди како затворената седница на собраниската Комисија за надзор над безбедносните служби заврши на јутјуб. На седницата, пред пратениците, отчет даваше првиот човек на АНБ, Виктор Димовски, за случајот со доделувањето македонско државјанство на прорускиот бизнисмен Онишченко. Сепак, кој стои зад преносот на јутјуб или пак дали станува збор за технички пропуст, во јавноста сѐ уште не се споделуваат детали.

Advertisements

„Во однос на извештајот, подготвен е извештајот, доставен е до Собранието за тоа што се случило и се преземаат натаму мерки“, вели Спасовски.

Спасовски не упати по одговори во Собранието, но оттаму информираат дека сѐ уште не го примиле извештајот. Од собраниските служби истакнаа дека штом ги добијат деталите, ќе ја информираат јавноста. Со исходот од истрагата не е запознаен ниту претседавачот со Комисијата, пратеникот од опозицијата, Љупчо Пренџов.

Министерот за внатрешни работи претходно кажа дека извештајот ќе го достават и до Јавното обвинителство, но и оттаму велат дека засега кај нив извештајот не е пристигнат.

Настапот на директорот на АНБ Димовски во собраниската комисија беше прекинат отакако се утврди дека дел од неговото обраќање иако означено како доверливо, се емитувало на Јутјуб..Собранискиот спикер Талат Џафери кажа дека реферирањето ќе продолжи само откако МВР ќе утврди како затворената седница се емитувала во живо.

Во меѓувреме, на затворена седница, но овој пат во Владата, беше одлучено да му се одземе македонскиот пасош на бизнисменот Онишченко, кој инаку е и на црната листа на САД. Од Владата кажаа дека тој прикажал лажен документ. Од Илинденска последно информираат дека се отпочнати активностите за одземање на државјанството и на следната владина седница премиерот ќе побара детали до каде е процедурата. Од АНБ нема информации дали е завршена истрагата за издавањето на пасошот, и дали се утврдило поради кои причини, посочените вработени го направиле пропустот.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button