

Alsat
27.08.2020 14:40
Техничкиот премиер во заминување Оливер Спасовски го најави четвртиот пакет мерки на владата. Тој денеска соопшти дека финансиски средства ќе има за пензионерите кои имаат пензија до 15 илјади денари, невработените кои не бараат работа и за самохраните родители и стечајците. Освен за физички лица, помош ќе има и за стопанството.
„Таму каде што ќе има потреба државата ќе биде тука да помогне и на бизнисот и на граѓаните. Овие мерки кои ги кажав за пензионерите, за невработените пасивни баратели на работа, за самохраните родители и за стечајните работници, тие се четирите категории за кои сме разговарале и до сега и тие одлуки ќе се имплементираат веднаш по формирањето на владата“, изјави Оливер Спасовски, технички премиер во заминување.
Од владата не сакаа да откријат дополнителни детали. Велат дека засега е рано бидејќи во следните десетина дена ќе се доработуваат мерките. Она што засега се знае е дека паричната помош од државата ќе се дели преку платежни картички. Инаку, првите два сета на мерки чинеа 200, а третиот пакет беше во вредност од 350 милиони евра, пари кои владата ги обезбеди преку задолжување на домашниот и меѓународниот пазар. Неколку пати бизнис заедницата реагираше дека помошта која приватниот сектор ја добија од државата е минимална и тврдеа дека процентуално, во однос на земјите од регионот и пошироко, владата во Македонија одвоила најмалку пари за спас на економијата. Компаниите до сега финансиска помош добија во вид на субвенции на плата во висина од минималецот и можност за аплицирање за безкаматни кредити. Од друга страна 229 компании иако од државата добија помош за исплата на минимална плата на своите вработени, парите не им ги префрлија на сметките на работниците.
Иле Петревски