По интерпелацијата на Илире Даути, партиите со свои ставови дали треба да остане на таа функција

Неизвесно е дали Илире Даути ќе остане или ќе биде сменета од функцијата претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади откако во петокот помина нејзината интерпелација поднесена од Левица. Политичките партии вчера излегоа со свои ставови околу ова прашање откако во петокот по изгласаната интерпелација, од Кабинетот на претседателот на Собранието излегоа со став дека изгласаната интерпелација нема правно-обврзувачки карактер.
Според СДСМ, не може интерпелацијата да нема правни проследици. Од таа партија побараа од претседателот на Собранието Африм Гаши да ги каже следните чекори што ќе ги преземе, а од Движењето ЗНАМ, кое е дел од владината коалиција, побараа од Европскиот фронт да предложи нов претседател на Комисијата бидејќи претседателското место во оваа Комисија му припаѓа на Европскиот фронт. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која исто така гласаше за интерпелацијата на Даути, вчера рекоа дека нивниот став го кажале во петокот со чинот на гласањето.
Од коалицијата „Влен“, во која се обединети албанските партии кои се дел од власта, велат дека имаат забелешки на работата на Даути, но дека нема да поддржат иницијативи на Левица.
– Потврдувам дека Илире Даути беше претседател на Комисија и ќе остане претседател на Комисија. Можеби имаме многу забелешки за Даути, но кога има иницијатива од Левица ние сме против и затоа ќе ја поддржиме, изјави вчера вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Преку писмено соопштение вчера се обрати и самата Даути која истакна дека соочена со изборот меѓу губењето на функцијата претседател на Комисијата и дејствување под диктат, не се сомнева дека ќе ја прифати слободата на дејствување како пратеничка.