По предупредувањата за поскапи пелети и струја, ќе има поскапување и на дрвата за греење

Со раст на цените на пелетите за повеќе од 50 отсто, и поскапувањето на струјата, вниманието на граѓаните повторно се враќа кон дрвото, за кое годинава има рекордна побарувачка во однос на минатите години. Но, кон крајот на јуни ќе бидат предложени нови цени за оваа тема, за жал повисоки. Од првите пресметки на „Македонски шуми“ се очекува еден кубен метар буково дрво, од 2890 денари, да чини 3500 денари. Валентин Груевски, од „Македонски шуми“ за емисијата 360 степени рече дека оние што ќе потпишат договор пред стапувањето на сила на новите цени ќе плаќаат по сегашните цени.
Во меѓувреме, по Србија и во Босна и Херцеговина, втората земја од која Северна Македонија се снабдува со пелети, размислуваат да го забранат извозот на пелети од март. Донесувањето на ваква одлука би било уште еден удар за пазарот во Северна Македонија каде процентот на домашно производство на пелети не надминува 20%.
„Имајќи ги предвид постоечките настани со порастот на извозот и цената на пелетите, кои во секој случај ќе оневозможат обезбедување на доволна количина од истите по економски прифатлива цена за пазарот во БиХ, сметаме дека е неопходно Владата на Федерацијата на БиХ да го забрани извозот на пелети во странство“, соопшти владата на БиХ.
Во такви околности граѓаните очекуваат лето со многу калкулации доколку сакаат да имаат потопли зими и помалку празни паричници.
Еви Шкопи