По решението за притвор, МВР го бара Агим Исмаиловиќ, обвинет во случајот Монструм

Полицијата го бара Агим Исмаиловиќ, обвинет во случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското езеро. Денеска за него обвинителството побара притвор оти имале сомневање дека ќе избега. Дополнителна околност тој да оди во Шутка, бил фактот што имал двојно државјанство – и македонско и косовско. Обвинителката Фатиме Фетаи претпладнево на рочиштето во судница посочи дека има ризик, тој да избега на Косово. Но, бидејќи судењето денеска се одложи, по барањето за притвор, наместо судијата кој суди, Огнен Ставрев, одлучуваше Кривичен совет. Попладнево одреди притвор и за Агим Исмаиловиќ и за Фејзи Азири.
„На обвинетиот Ф.А. му е опредлена мерка притвор во траење од 30 дена и истото е доставено во Истражниот затвор Скопје каде се наоѓа обвинетиот, додека за А.И. е определна мерка притвор од пронаоѓање односно лишување од слобода и истото е доставено до МВР“, велат од Кривичен.
Иако „Монструм“ денеска се одложи, обвинителката Фетаи побара лицата за кои побара притвор да останат во судница, додека судот не одлучи дали ќе има притвор, со оглед на тоа што на обвинетите им се заканува доживотен затвор. На тоа судијата Огнен Ставрев рече:
„Јас не можам да ги држам овде во судница. Други судии се надлежни да одлучат дали ќе има притвор или не“.
По овој став на судијата, Агим Исмаиловиќ си замина иако обвинителството инсистираше тој да остане во судската зграда. Полицијата сега го бара. Освен тој и Фејзи Азири, обвинети во овој случај се и Хаки Азири и Сами Љута. Во Косово се првообвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ за кои сè уште се чека екстрадиција во земјава.
Бојан Стојановски