ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

По тензиите општина Арачиново продолжи со работа

Општина Арачиново повторно ги отвори вратите и почна да работи за да им служи на граѓаните. Градоначалникот на општината Ридван Ибрахими вели дека добил гаранции од институциите дека тој и администрацијата на општината ќе бидат безбедни и ќе можат да работат без никакви пречки.

Градоначалникот нагласи дека на имотот за кој добивал закани ќе продолжат постапките за изградба на спортско игралиште. Одговарајќи на изјавите на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски дека спротивставените страни сами треба да се обидат да најдат решение, Ибраими рече дека последните случувања не се резултат на инает, туку поради сериозни закани по животот.

„Она што навистина се случи во нашата општина не беше кавга меѓу поединци или можеби и политичка партија, туку беше нападната институцијата, нападната беше администрацијата и градоначалникот на општината. Се чувствувам безбедно, се обидувам да ја убедам општинската администрација дека имам многу позитивни одговори од општинската администрација, во постојана координација сме со општинските советници“, рече градоначалникот Ибраими.

Но, министерот Спасовски останува на истиот став. Вели дека полицијата прави сè за безбедноста во оваа општина, но лицата инволвирани во проблемот не треба за индивидуални интереси да ги блокираат услугите на општината.

Јавното обвинителство викендов соопшти дека покренало постапка против едно лице за „насилство“ врз градоначалникот на Арачиново по член 386 од Кривичниот законик. Минатиот вторник градоначалникот Ибраими го пријави во полиција братот на поранешниот градоначалник на оваа општина Брахим Ајвази, кој е припадник на ДУИ, дека му се заканувал. Поради фактот дека заканите и нападите врз актуелниот градоначалник, но и врз администрацијата се случуваат по втор пат, општината беше затворена четири дена додека не доби безбедносни гаранции од полицијата.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button