Почнува грејната сезона во Скопје

Од денеска почнува грејната сезона за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје што ќе трае до 15 април 2025 година, со можност за продолжување уште 15 дена во зависност од надворешните температури.
Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) велат дека за време на грејната сезона снабдувачот е должен да обезбеди греење од 6:00 до 22:00 часот. Сепак, на почетокот на грејната сезона доколку има високи надворешни дневни температури, испораката на топлинска енергија ќе се прекинува, а доколку температурите се спуштат под 15 степени Целзиусови испораката ќе продолжи.
Од ЕСМ, пак, вчера информираа дека на барање на општина Карпош испораката на топлинска енергија за основните училишта во општината ќе почне од 1 ноември.