Почнува судењето за предметот „Адитив“

Во дигиталната судница на Казнено-поправната установа „Идризово“ денеска започнува судењето за случајот „Адитив“ што се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј.
Обвинети се 31 физичко лице и пет правни лица, помеѓу кои и високи службеници од енергетскиот сектор. Осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да ги изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.
Како што претходно соопшти ОЈОГОК, според наводите во диспозитивот првообвинетиот во случајот се гони за несовесно работење во службата, додека шестемина се обвинети за кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. На четворица од нив на товар им се става и кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело.
Дванаесет лица се обвинети дека сториле кривично дело злосторничко здружување и продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, а двајца од нив сториле и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.
Дополнително, на четири лица им се става на товар дека ги сториле кривичните дела злосторничко здружување и перење пари и други приноси од казниво дело, додека четворица сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Останатите четири лица се обвинети за кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.