
Денеска започна официјалниот рок за поднесување кандидатури за наследник на Димитар Ковачевски, кој поднесе оставка од лидерската функција на СДСМ, по поразот што оваа партија го претрпе на изборите на 8 мај. На синоќешната седница, Централниот одбор на СДСМ усвои правилник за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор на претседател на СДСМ за вонредните избори, како и правилникот за начинот и постапката за активна регистрација за членови на СДСМ.
„Врз основа на статутот на СДСМ, одлуките на Централниот совет и одлуката на Извршниот совет, СДСМ од денеска објавува отворен повик за самокандидирање на сите заинтересирани кандидати за претседател на партијата. Постапката за кандидирање започнува од 31.05.2024 година и ќе трае седум дена, до 06.06.2024 година, а право на кандид имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите и високите морални и етички вредности“, велат СДСМ.
За претседател на СДСМ може да биде предложено лице кое е член на СДСМ најмалку 5 години и е избрано барем еднаш од Конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата.
Засега е потврдено дека во трката за лидер на партијата ќе конкурираат поранешната министерка за одбрана и актуелна заменичка, Славјанка Петровска и актуелниот директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Јован Деспотовски. Меѓу имињата за кои се зборува е и она на поранешниот министер за здравство Венко Филипче.
Од СДСМ најавуваат дека изборите ќе ги спроведува Централната изборна комисија заедно со 80-те општински изборни комисии и одборите на избирачките единици на локално ниво. Право на глас ќе имаат сите членови на СДСМ кои ќе бидат активно пријавени. Од СДСМ велат дека активниот рок за пријавување е зголемен и сега е 20 дена.
Внатрепартиските избори на СДСМ се распишани за 30 јуни, додека Конгресот на СДСМ со одлука на Централниот совет е закажан за 9 јуни. Покрај анализата на причините за изборниот резултат, Централниот совет на партијата предлага и измени на партискиот статут, со што мандатот на претседателот избран на вонредните внатрепартиски избори да биде 4 години./Алсат.мк
Ајнур Бафќари