
Здравствените и личните податоци на граѓаните се целосно безбедни, информираат од Фондот за здравствено осигурување демантирајќи ги наводите во јавноста дека податоците на граѓаните се украдени.
„При сајбер нападот немаше излевање податоци надвор од базите на Фондот. Тоа го потврди анализата на експертските технички тимови. Оттука, децидни сме дека податоците на корисниците на здравствени услуги, вклучително и личните податоци, се безбедни и заштитени и нема неовластено преземање на личните податоци“, потенцираат од Фондот.
Оттаму велат дека се финализираат сите активности за прочистување и проверка на целокупниот систем на Фондот за здравство за да се обезбедат услови за повторно вклучување во нормален режим на работа.
Од ФЗОМ нагласуваат дека со помош на тим од локални и странски експерти се работи на рестартирање на системот со цел негово враќање во првобитната форма.