Поддршка од САД за уставни измени

Енергетската криза, претседавањето на Македонија со ОБСЕ, борбата против корупцијата и евроинтеграциите беа темите на кои денеска во Скопје разговараа советникот во Стејт депарментот, Дерек Шоле и премиерот Димитар Ковачевски. Премиерот по средбата истакна дека добил поддршка од Шоле за сите значајни одлуки кои треба да се донесат на патот кон ЕУ, меѓу кои и за уставните измени.
„Од секој претставник на Соединетите Американски Држави, не само за таа одлука, туку за сите одлуки коишто сме ги имале и коишто ќе следуваат, бидејќи уставните измени не се последната одлука којашто Северна Македонија ќе ја има до зачленувањето во Европската унија, секогаш сме имале поддршка, со оглед на тоа дека не постои друга алтернатива за нашата држава освен зачленувањето во ЕУ“, рече Ковачевски.
Ковачевски одговори дека со Шоле не зборувале за најавената црна листа на Стејт департментот, која се очекува да опфати актуелни и поранешни функционери од земјите од Западен Балкан, за кои САД имаат силни сомнежи дека учествувале во криминал и корупција. Премиерот вели дека на маса не се поставила ниту темата за резултатите од тимот за санкции на САД, кој изминатиов период престојуваше во Скопје и беше заинтересиран за случаите за висока корупција.
„Постојат голем број на случаи на корупција на високо ниво коишто се адресирани од страна на правосудните органи и секако дека во иднина заедно со нашите партнери ќе работиме постојано на унапредување на перформансите на правосудниот систем“, додава Ковачевски.
Како што најави премиерот, борбата против корупцијата и владеењето на правото ќе бидат дел од темите и на вториот состанок од Стратешкиот дијалог со САД кој ќе се одржи во првата половина од годинава.
Лука Андреев