Подготовки за дигитализација на судовите во земјава

Двајца експерти од САД ќе допатуваат во земјава за да направат увид на судовите за тоа каде може да се инсталира ИТ опрема и да се дигитализира судството. Опрема прво ќе се инсталира во 10 судници во пет судови. Тоа се кривичниот и граѓанскиот суд во Скопје и судовите во Кавадарци, Штип и во Струмица.
„Дигитализацијата на која сме фокусирани изминатиов период, очекуваме да придонесе кон зголемување на транспарентноста и отвореноста на судовите, зголемување на ефикасноста на судиите и судовите и овозможување полесен и поедноставен пристап до правдата и до услугите“, рече Бојан Маричиќ, министер за правда.
Граѓаните од овој месец, наместо само со физичко одење во суд, ќе можат и електронски да ги добијат уверенија и потврдите од казни, како и од прекршоци. Допрва ќе се прави мобилна апликација преку која обвинителите, адвокатите и обвинетите ќе можат да го видат предметот. Исто така, во иднина преку електронски пат, судот ќе комуницира и со други институции. Според судијата Лазар Нанев, дигитализацијата ќе го направи судството поефикасно.
„Поентата и во делот на меѓународните стандарди е судењето да биде со физичко присуство во судницата, но со исклучоци и доколку се исполнети процесните и правните претпоставки тоа да се одржи он – лајн или хибридно судење, со присуство на дел од учесниците во постапката во судницата, а дел се наоѓаат на сосема друга локација“, вели Лазар Нанев, претседател на судот во Кавадарци.
Обвинителката Фатиме Фетаи сподели случај кога по завршена истрага, осомничено лице три месеци го одложуваше увидот во доказите па не можело да се поднесе обвинението пред суд. Таков случај имаше со пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ Антонијо Милошоски за случајот „Моќник“.
„Дури поштарот не го најде на вистинската адреса осомничениот. Па потоа еднаш или двапати ќе се бара одлагање за да тој го реализира неговото право на увид во списите, бидејќи адвокатот бил зафатен, а тој имал болка во десната нога. Е, на овој начин со еден клик, ги пуштаме електронски доказите и таквите злоупотреби ќе бидат оневозможени“, рече Фатиме Фетаи, обвинителка во Вишто јавно обвинителство Скопје.
Граѓаните веќе бараат подобар пристап до судовите.
„Утврдивме преку анкети со граѓаните дека постои незадоволство по однос на судските корисници. Од дел од услугите би сакале да имаат повеќе дигитални услуги, би сакале судовите да бидат побрзи и попристапни и цениме дека ова е еден од тие клучни инструменти“, изјави Симонида Кацарска, ЕПИ.
А, за да се дигитализира правосудниот сектор потребно е да се изменат повеќе закони.
Игор Стефановски