
Поднесени две обвиненија за случајот „Онкологија“. Според едното кое се однесува на третманот на пациентите, 29 лица примиле несоодветна терапија, додека на 16 пациенти им била давана непотребна терапија која им го влошила здравјето. За тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни, обвинение е поднесено против ексдиректорот на клиниката и уште против тројца онколози.
Ексдиректорот на клиниката Нино Васев е обвинет дека со уште една докторка давале несоодветна терапија на пациенти, додека двајца онколози давале непотребна терапија.
„Другите двајца лекари се обвинети за кривично дело – несовесно лекување болни, бидејќи врз основа на медицинските истории е утврдено дека одредувале терапија со лекови од новите генерации во фаза на лекување кога било многу очигледно дека пациентот од таквиот лек воопшто нема да има корист поради лошиот перформанс статус и немање време да се развие механизмот на дејствие, без да биде наведена телесна висина и тежина на пациентите, со отстапување во дозирањето со што дополнително ја влошиле нивната состојба“, рече Ана Гоговска Јакимовска, обвинителка во случајот „Онкологија“.
Другото обвинение се однесува за финансиски злоупотреби во клиниката од страна на поранешниот медицински и организациски директор на клиниката, а направената штета се проценува на над 2,2 милијарди денари. Покрај за злоупотреба на службената положба, директорите се гонат за уште неколку кривични дела.
„Покрај делото за злоупотреба кое што со измените на кривичниот законик сега во однос на санкцијата може да претрпи измени и има мал распон на казни и е со ниски казнени рамки, сепак останатите дејствија коишто им се ставаат на товар на обвинетите се во рамките на многу потешки кривични дела, се работи за кривични дела проневера во службата и кривично дело измама во службата“, рече Гаврил Бубевски, шеф на Скопското јавно обвинителство.
Обвинителството го отвори случајот по допрен глас од медиумите, каде беа објавени сомненија за сериозни злоупотреби со скапата терапија за лицата болни од рак на клиниката за Онкологија. За тешки дела против здравјето на луѓето кривичниот законик предвидува казна затвор до 10 години, додека за проневера и злоупотреба во службата се предвидени затворски казни од 6 месеци до максимални пет години.
Михаило Донев