Поднесено обвинение против Бесија Иљази, поранешната организациска директорка на Токсикологија

Против поранешната организациска директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази е поднесен обвинителен предлог за злоупотреба на службената положба и овластување, информираат од Јавното обвинителство.
Иако во соопштението на Обвинителството не се споменува идентитетот на обвинетиот ексорганизациски директор на Токсикологија, сепак извесно е дека станува збор за Иљази која пролетоска беше во фокусот на јавноста поради сомневања за незаконско ангажирање лица на Клиниката.
Обвинетата, како што велат од Обвинителство, во мај годинава додека била организациски директор на Токсикологија, прекршувајќи три закони, овозможила 17 лица да бидат ангажирани со договор на дело, а за тоа да земаат паричен надоместок од буџетот на Клиниката.
„Организациската директорка постапила спротивно на Законот за спречување корупција и судир на интереси, Изборниот законик и Законот за здравствена заштита. Во мај годинава склучувала договори за дело со лицата за нивно работно ангажирање на Клиниката, по што ретроактивно издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман“, се наведува во соопштението од Обвинителство.
Освен овие лица, обвинетата на списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои исто така им се исплаќал надомест за наводно извршени работи.
На овој начин, додаваат од Обвинителство, буџетот на Клиниката бил оштетен за сума од 659 781 денар, а истовремено на ангажираните лица им била овозможена противправна имотна корист.