Поднесено обвинение за насилството врз екипата на Алсат во Чаршија

Основното јавно обвинителство поднесе обвинение за кривичното дело „насилство“ против 53-годишниот маж кој на 21 август пред својот дуќан во старата скопска чаршија малтретираше, навредуваше и насилно се однесуваше кон екипа на Алсат телевизија.
Додека снимател и две новинарки снимале за потребите на телевизијата, тој најпрвин излегол од берберницата и започнал гласно да ги пцуе. потоа влегол внатре и зел ножици, по што се вратил кај оштетените и директно им се заканил дека ќе ги убие. Тие започнале да се повлекуваат на друга локација, но во тој момент обвинетиот му пришол од зад грб на снимателот и го удрил со тупаници по главата.
Оштетениот во прв момент изгубил рамнотежа од ударот и ја спуштил камерата, потоа се исправил и започнал да се брани од ударите на обвинетиот. Наскоро интервенирале и други граѓани за да го спречат натамошното насилство и го одвлекле обвинетиот во берберницата, посочуваат од Обвинителството.
Како што се наведува, од поведувањето на постапката за осомничениот на сила се мерки на претпазливост.
Според измените на кривичниот законик во јуни, нападите врз медиумските работници се сметаат за напади врз службени лица и за нив се изречени затворски казни.