Поднесено обвинение за таткото што при семејно насилство ја повреди својата четиригодишна ќерка

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против таткото кој на 21 јуни физички ја нападнал својата малолетна ќерка, родена 2021 година, во семејниот дом во населбата Драчево.
Според обвинението, додека мајката приготвувала храна, а детето си играло со своите сестри, обвинетиот се вознемирил кога девојчето се качило на креветот за да земе играчки. Тој започнал да ѝ се обраќа на ќерката со навреди, а потоа и физички ја нападнал удирајќи ја со шлаканици по лицето. Како резултат на нападот, детето се здобило со набиеници и гребаници со крвни подливи. Обвинетиот продолжил и со вербални закани кон девојчето, велејќи дека ќе ја убие.
Јавниот обвинител до Основниот суд Скопје, заедно со обвинението, поднесе и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот поради опасност од бегство и можност за повторување на кривичното дело.
Инаку, од Министерството за внатрешни работи во неделата информираа дека сопругата го пријавила случајот на 21 јуни во 21:45 часот, а полициски службеници го лишиле од слобода 28-годишниот А.Ѓ.