МАКЕДОНИЈА

„Полиграф“: Какви невистини ширеше пратеникот Ковачки на Фејсбук?

На 26.11.2023, повеќе портали објавија наслови за лажна објава на Фејсбук страницата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки. На пример, кластерот вести на time.mk започнува со насловот „Ковачки продолжува со лажните вести: Концерт на Лепа Брена од Софија се обиде да го претстави како салата Борис Трајковски во Скопје“.

Повеќе портали ја објавија и фотографијата со пораката од Ковачки: „За 54 маси и 500 столчиња за седење, Бујар ќе му плати на партискиот донатор ДУИ над милион. Апла крадење, без усул“.

Но, во насловот на „Независен“ се укажува дека „Ковачки го обвини Османи за прекумерно трошење пари со лажна фотографија“. Фотографијата постирана од Ковачки, која се споделуваше на социјални мрежи, не е од салата Борис Трајковски, каде што се одржа самитот на ОБСЕ, туку од салата Армеец во Софија пред концертот на Лепа Брена и Драгана Мирковиќ.

На 26.11.2023 и самиот Ковачки потврди дека објавил таков пост: „откако приметив дека фотографијата не е вистината веднаш го избришав“, се вели во постот. Но, наместо да се извини за манипулацијата, Ковачки во постот изнесува политички обвинувања кон тие што посочиле на лажната објава, тврдејќи дека има „7 години политичка диктатура“.

Но, во последниве седум години, и Фридом Хаус и Економист во нивните индекси нотираат демократски напредок. Според Индексот на демократија во светот на „Економист“, Северна Македонија повеќе не е рангирана како „хибриден режим“, туку „демократија со недостатоци“. И во Извештаите на ЕК веќе не сме оценувани како „заробена држава“, како пред 2016 година.

Накусо, тврдењето на Ковачки за „7 години политичка диктатура“ е исто толку невистинито како и фотографијата за која сугерирал дека е од салата каде што се одржува самитот на ОБСЕ. И овој случај покажува дека публиката не треба да верува во сè што ќе објават политичарите, а и медиумите треба да ги проверат нивните изјави, пред да ги пренесат во јавноста.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button