ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„Полиграф“: Кој ширеше дезинформации за киднапери на деца во Скопје?

Вечерта на 15.11.2023, на порталот „4news“ беше објавен сензационалистички наслов: “ФОТО Драматичен апел се шири на друштвените мрежи! “Ова се киднапери на деца во Скопје”.

Во написот се објавува фотографија со 5 лица и се цитира „корисник на Фејсбук“, кој објавил „известување“: „ОВИЕ 5 ДУШИ СЕ КИДНАПЕРИ НА ДЕЦА! И се движат моментално околу Скопје, поточно Батинци!“.

Час и половина подоцна, истиот портал објави и демант:„МВР: Граѓаните да не наседнуваат на дезинформации, полицијата ја гарантира безбедноста“, во кој МВР „ги демантира лагите кои некои лица ги пласираат преку социјалните мрежи за некакви наводни киднапери. Нема ниту едно одземено дете, ниту било какви киднапери“.

И покрај демантот на МВР пренесен и од многу други медиуми, порталот што ја пренесе дезинформацијата не напиша исправка, ниту пак ја отстрани фотографијата со лицата што беа обвинети како „киднапери“.

И Фејсбук профилот кој ја објави дезинформацијата со над 5 илјади споделувања за помалку од 24 часа, не ги исправи погрешните информации, ниту ги отстрани коментарите што поттикнуваа на насилство.

На оваа објава, Фејсбук стави предупредување за „лажна информација“ и линк до статијата на Вистиномер: „Лажна објава за наводни киднапери на деца во Скопје шири паника на Фејсбук“, во која се објаснува дека „На фотографијата не се прикажани никакви киднапери на деца. Станува збор за стара фотографија, која првпат се појавила во 2015 година во Романија, а лицата прикажани на неа се поврзуваат со џебни кражби“.

И проверувачи на факти од Австрија неодамна укажаа дека истата фотографија со слични лажни обвинувања била вирално ширена на Фејсбук во октомври.

Овој случај со „лажни киднапери“ покажува дека сме многу ранливи на дезинформации од социјални мрежи кои предизвикуваат општествена паника. Затоа, и граѓаните, и медиумите треба да внимаваат во врска со вакви сензационалистички и драматични објави. А кога станува збор за сериозно кривично дело како киднапирање на деца, информациите секогаш треба да се проверуваат во МВР, кое експресно реагираше на раширените дезинформации.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button