ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Политичарите испратија пораки на единство на Илинден

Пораки на одлучност и единство упатија политичките лидери во своите обраќања по повод државниот празник Илинден, а неизбежен сегмент во говорите беше европската иднина на земјата. Претседателот Стево Пендаровски од Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце истакна дека европските реформи ни се потребни веднаш, за да се спречи иселувањето на младите. Тој праша дали сакаме државата во иднина да ја видиме како европска или емигрантска земја.

Advertisements

„Токму европските реформи ќе ни помогнат да го оствариме нашиот витален национален интерес, а тоа е да ги мотивираме младите да останат во државата и да се вклучат во изградбата на европска Македонија. Затоа, без одлагање да ги надминеме разликите, да се сплотиме околу итно почнување на преговорите, во спротивно ќе го изгубиме виталниот дел од општеството“, рече Пендаровски.

Премиерот Димитар Ковачевски од скопското Кале рече дека Илинден и АСНОМ повикуваат на одлучност, а не на откажување. Тој додаде дека денес битките не се водат на бојното поле, туку на дипломатско поле.

„Оваа Влада постапи по аманетот на илинденските и асномците, дека правата се штитат на рамноправен терен. Седнати на иста маса заедно со останатите европски земји и светски сили. И сите кои во следниот период ќе носат важни одлуки за граѓаните и државата, треба да постапат по истиот аманет. Дали ќе ја следиме визијата и храброста на илинденците и асномците и ќе градиме европска држава, интегрирана во големото европско семејство, или пак ќе останеме сами и изолирани, е само наша одлука“, порача Ковачевски.

Од „Мечкин камен“ во Крушево пак, спикерот Талат Џафери рече дека е време за разум и преземање одговорност.

„Дали ќе продолжиме напред кон евроатлантското интегрирање на земјата, нешто за што сме се определиле како држава уште од осамостојувањето во 1991 година или пак ќе заглавиме на слепиот балкански колосек, кој не не води никаде, е избор којшто треба да се донесе со надминување на хировите“, рече Џафери.

Во Крушево делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше претседателот на партијата Христијан Мицкоски. Тој истакна дека денеска претставниците на власта даваат најразлични изјави, но обвини дека тие „под маса го распродаваат македонскиот идентитет за да останат ден повеќе во фотелјите“. За да не успеат во намерата Мицкоски повика на единство.

„И денеска, македонскиот народ и граѓаните во Македонија, покажуваат пркос и знаат за што се борат, а се борат за својот идентитет, за својата држава и достоинствена иднина“, рече Мицкоски.

Инаку празникот беше одбележан и во манастирот „Прохор Пчињски“, каде шефот на државата Пендаровски беше пречекан од домаќинот, српскиот претседател Александар Вучиќ, по што двајцата одржаа и билатерална средба. Од минатат годна, македонската делегација го празнува Илинден на местото каде се одржа првото заседание на АСНОМ.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button