Политичкиот врв во земјава со честитки до Трамп и до американскиот народ

Претседателката на државата и лидерите на политичките партии во земјата му ја честитаа победата на Доналд Трамп на претседателските избори во Соединетите Американски Држави. Претседателката Гордана Силјановска Давкова во честитката истакна дека земјата ќе продолжи да ги поддржува американските и глобалните напори за мирот, стабилноста и безбедноста.
„Македонија како докажан пријател и партнер на САД ќе продолжи да ги поддржува напорите за мир, стабилност и безбедност, засновани на потребата од правда, почитување на меѓународното право, слободата и човечкото достоинство во светот“, порача Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува продлабочување на партнерството меѓу двете земји.
Честитки и од првиот вицепремиер, Изет Меџити.
„САД остануваат најголемиот сојузник на нашата земја. Како прв вицепремиер на Северна Македонија, ја изразувам нашата целосна подготвеност за дополнително зајакнување на стратешките односи меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави. Веруваме дека преку нашата блиска соработка ќе го унапредиме економскиот напредок и безбедноста на нашата земја!“, наведе Меџити.
Честитки до американскиот народ и Трамп упати и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети.
„Им честитам на американскиот народ и на претседателот Трамп за неговиот денешен избор и го споделувам уверувањето дека американскиот фокус на Балканот ќе продолжи да биде силен како и секогаш, за конечно да се решат отворените прашања меѓу земјите од Југоисточна Европа“, порача Ахмети.
Шефот на СДСМ, Венко Филипче, посакува уште повеќе да се развива пријателството и соработката меѓу двете земји.
„Во мое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, му ја честитам победата на изборите на Претседателот на САД, Доналд Трамп. Убеден сум дека под негово водство стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија ќе продолжи и ќе се продлабочи“, вели Филипче во честитката.