Полицаецот што „го пушти“ Груби заработи кривична пријава

МВР соопшти дека поднесена е кривична пријава за слоупотреба на службената положба против полицискиот службеник со иницијали Б.Ј, кој всушност „го дозволил“ излезот на поранешниот вицепремиер Артан Груби на граничниот премин Блаце кон Косово.
Пријавата е поднесена од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното ОЈО ГОКК – одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања, по член 353-в од Кривичниот законик.
„На 15.12.2024 во 09.06 часот, извршувајќи работни задачи на работно место полициски службеник во Полициската станица за граничен премин Долно Блаце, во кабина на излез од државата, со пропуштање на должен надзор, пријавениот дозволил излез на патничко возило џип „мерцедес“ со конзуларни регистарски ознаки, управувано од А.П. од Скопје, а сопатник бил А.Г. од Скопје, за кого постоела активна мерка „задржи и веднаш извести“, согласно распишана телеграма од Одделот за криминалистичка полиција при МВР. Со ваквото дејствие, полицискиот службеник Б.Ј. му овозможил на А.Г. да оствари излез од државата и покрај внесената мерка „задржи и веднаш извести“, а исто така, со дејствието нанел штета на угледот на МВР“, соопшти МВР.