Полиција повикана на седница на градскиот совет

Во тензична атмосфера, со навредливи зборови, вербални пресметки, па дури и пријавување во полиција за кражба на микрофон… Вака се одвиваше денешната седница на Град Скопје.
Сѐ започна кога претседавачот на градскиот совет Трајко Славески, го зеде микрофонот од говорницата и го стави на своето биро, бидејќи службите не му го вратија копчето со кое може да го исклучи микрофонот на градоначалничката на градот и советниците.
Ова ја револтираше градоначалничката Данела Арсовска, која сепак, застана пред говорницата, користејќи го мобилниот микрофон обезбеден од службите.
Службите на Град Скопје, во полиција пријавиле дека микрофонот е сопственост на Град Скопје и дека го нема, односно е извршена кражба и оштетена е установата. Од ВМРО-ДПМНЕ, рекоа дека се згрозени од однесувањето на Арсовска кое според нив е пример како не треба да се однесува функционер, а од Град Скопје побараа разрешување на претседавачот на Советот.
Ајнур Бафќари