Полицијата интензивно казнува низ Скопје, најмногу за брзо возење и за алкохол

За шест часа полицијата вчера казнила околу 350 возачи. Во внатрешноста најмногу казни пишале тетовска и охридската полиција, двете заедно околу 140 казни. Само во Скопје вчера се казнети 197 возачи. 42 возеле побрзо од дозволеното, 12 возеле пијани, а 14 немале возачка дозвола. Скопската полиција казнила возачи на нерегистрирани возила, оние кои немале појас, кои возеле и гледале или зборувале на телефон, четворица кои поминале на црвено, а има и една казна за неатестирани фолии. Од МВР велат дека најмногу се казнуваат оние кои возат пребрзо.
„Возете според правилата и на тој начин заеднички да придонесеме за безбедноста и наша но и на другите учесници во сообраќајот. Возењето пребрзо може да не доведе до фатални последици, желбата да стигнеме минута побрзо може да не доведе до ситуација да не стигнеме никогаш на целта на која сме зацртале…“, рече Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
Пешаците најмногу стравуваат од брзите возачи. Покрај нив не се чувствуваат безбедно.
„И на тротоар да се качите да одите како што е редот, нема шанси. Мора внимателно, дури и на трева да одите. Многу брзо се вози, казните се многу мали…“
„Има брзи возачи, не почитуваат знаци, не почитуваат пешачки премин. Ништо не почитуваат. Возат лудачки! Јас во Ѓорче живеам. Во 2-3 часот по полноќ мислиш дека прават трки со автомобили.“
„Еве… гледаш како возат. Стотка! Не се вози овдека 100 или 80“, реагираат граѓаните.
Од полицијата велат дека во летните месеци има најмногу сообраќајки со смртни последици. Лани загинале 125 лица, околу 5.700 биле повредени. Според Светската здравствена организација, годишно во светот околу 1,3 милиони луѓе го губат животот, а околу 50 милиони се здобиваат со повреди при сообраќајни несреќи.
Игор Стефановски