Полог никако да го реши проблемот со дивите депонии

Иако пред еден месец беше ветено дека дивите депонии во Тетово ќе бидат исчистени многу брзо, сепак општината сè уште не го сторила тоа. Дури и депониите кои беа исчистени на влезот во градот, повторно се натрупани со нов смет.
Од општина Тетово пред неколку месеци соопштија дека во Тетово се откриени десет вакви депонии и оти наскоро ќе бидат исчистени. Но, по еден месец депониите остануваат среде градот и никако да се исчистат.
Од општинското јавно претпријатие велат дека депониите биле исчистени, но несовесни граѓани повторно ги наполниле преку ноќ. Велат дека ќе постават камери на критичните точки за да се спречи оваа појава.
„Кај овие мини-депонии решивме да поставиме камери на веб страницата на општината, камери во живо за да можат граѓаните да гледаат како се чистат и како ќе биде во иднина. Убедени сме само за овој начин со камери во живо за да можат сите граѓани да видат кој фрла…“, изјави Даут Мемиши, заменик директор на ЈКП „Тетово“
Но, освен во Тетово, вакви диви депонии има и во руралните општини, особено во општина Теарце. Од општината таму ни рекоа дека немаат доволно капацитет за самите да исчистат сè, па го повикаа Министерството за екологија да им помогне.
Од еколошките организации бараат нивно итно чистење, но и казнување на оние кои фрлаат отпад.
„Повеќе од тоа, тие влијаат и на ширење на разни болести, бидејќи без разлика дали инсектите или птиците што ги посетуваат овие депонии, но и кучињата скитници, можат да пренесат разни болести од едниот до другиот дел на градот. Затоа, важно е овие депонии да не постојат и веднаш да се интервенира, секако и строго да се казнат сите оние кои ги создаваат овие мини депонии“, изјави Аријанит Џафери, активист.
Диви депонии последниве денови се појавуваат сè повеќе и во другите рурални општини во Полог. Смет се трупа на нивните, но и во планината, а најмногу на оваа појава се жалат жителите од општините Боговиње и Врапчиште. /Алсат.мк
Башким Сулејмани