ПОЛУДЕНО ВРЕМЕ – во Албанија поплави, Шпанија како Арктик, во Грција пролет

Лошите временски услови сè посилно ги погаѓаат земјите од регионот. Албанија се соочува со големи поплави. Скадар, Драч, Лежа, Валона се меѓу градовите најпогодени од поплавите. Езерото и реките Дрим и Буна се наоѓаат на критични точки на само неколку сантиметри од максималниот капацитет. Регистрирани се и одрони, а полицијата мораше да евакуира 40 семејства.
И Косово се соочува со поплави. Ситуацијата е најлоша во Дукаѓини. Косовските безбедносни сили се во состојба на готовност и веќе многу пати интервенирале во ситуации каде бил загрозен животот и имотот на граѓаните.
А, жителите на шпанскиот главен град Мадрид и денеска уживаат во ретката зимска идила. Се собираа на главните плоштади за максимално да го искористат снегот кој е вистинска реткост во овој дел на нивната земја. Мадрид наликува на град од некоја зимска бајка, па граѓаните не пропуштаа да ги овековечат овие моменти за кои не се знае кога повторно ќе ги видат во сончевата и топла Шпанија.
Но, настрана зимските радости, метеоролозите низ Европа предупредуваат дека допрва следуваат недели на временски варијации кои во некои делови можат да донесат и високи температури.
Во нашето јужно соседство, во Грција, се забележуваат највисоките температури во јануари во последните најмалку 50 години. Грција, според локалната метеоролошка служба, се очекува да биде меѓу земјите од Централниот и Источниот Медитеран што може да доживеат невообичаено топло време за време на викендот.
Evi Shkopi