Пониска просечната оценка на државната матура

3,25 е просечната оценка што матурантите ја постигнале на двата испити од државната матура одржани во јуни. Во однос на претходната година, просечната оценка е пониска. Од Државниот испитен центар велат дека ова е резултат на строгите мерки кои овојпат беа преземени за реализација на државната матура, вклучително и промената на просториите, од училници во ходници и училишни спортски сали. Исто така, од Испитниот центар соопштија дека на вкупно 268 ученици им е изречена мерката-повторување на испитот.
Министерката за образование Весна Јаневска најави промени и зајакнување на контролите за време на државната матура. Таа рече и дека се планираат измени во правилникот за полагање државна матура, за да има поголема одговорност за лицата вклучени во процесот.
По мајчин јазик просечната оценка е 3,37, англиски 3,06, француски 4,47, германски 4,32 и математика 3,71. На полагањето на државната матура на 1 и 8 јуни учествуваа повеќе од 14.800 матуранти. Матурантите кои паднале во првиот рок можат повторно да полагаат во август.
Мелихате Рустеми