Попис, власта очекува поддршка од опозицијата

Владата не се повлекува од предлогот пописот на населението да се одржи во април 2021 година. Во предлогот испратен до Собранието, Владата не смени ништо во предложениот нацрт кој веќе беше доставен до Собранието пред тоа да се распушти. Министерот за правда, Бојан Маричиќ, вели дека овој предлог е изработен во согласност со барањата на опозицијата, од која очекува поддршка и конструктивна дебата.
Опозицијата ја обвинува власта дека се обидува да спроведе политички попис на населението за тесни интереси. ВМРО-ДПМНЕ бара пописот да го спроведе специјална државна комисија.
Поделен став имаат и албанските партии. ДУИ бара пописот да се одржи во согласност со политичкиот договор, во април 2021 година. Алијанса за Албанците и Алтернатива бараат до крајот на годината ова прашање да биде во собраниска процедура, за да има време за измени и дебата. Движењето Беса за да го поддржи овој закон ќе бара да се донесе Законот за лични карти, за етничката припадност, со што според нив би се заобиколила манипулацијата со процесот.
Адриан Керими