Поради блокирана сметка, одржувањето на магистралните и регионални патишта во опасност

Одржувањето на магистралните и регионалните патишта е во опасност поради сериозните финансиски предизвици на Јавното претпријатие, покажува конечниот ревизорски извештај на „Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта“ што денеска (4 јули) го објави Државниот завод за ревизија, по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта – Скопје, за 2022 година.
Во извештајот се наведува дека ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, 12 години континуирано работи со блокирана сметка и основната дејност ја извршува во рамки на месечните лимити, што има клучно влијание на квалитетот и континуитетот на извршување на дејноста
„ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, 12 години, односно од 2012 година до денот на известување за спроведената ревизија, јавната дејност која е од суштинско значење за јавниот интерес и безбедноста на граѓаните, ја врши со сметка која е блокирана поради извршни решенија за наплата на неподмирени обврски. Согласно податоците од носителот на платниот промет, на крајот на 2022 година сметката на ЈП е блокирана за обврски во вкупен износ од 663 милиони денари“, соопштија од ДЗР.