Посебен сообраќаен режим во Скопје поради Министерскиот совет на ОБСЕ

Посебен сообраќаен режим ќе биде воведен во Скопје поради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ на кој се очекуваат околу 70 делегации. Почнувајќи од денеска од 13 часот до завршување на Министерскиот совет повремено ќе бидат затворени за сообраќај одредени улици како што се булеварот „Илинден“ од крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“ до крстосницата со ул.„Љубљанска“ и бул.„8 Септември“, од крстосницата со ул.„Скупи“ до крстосница со бул.„Партизански одреди“.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека во зависност од потребите, може да бидат затворени и други улици и апелираат до граѓаните на трпение и да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.
Поради одржувањето на Самитот, согласно одлуката на Владата, денеска вработените во државната и јавната администрација во Скопје ќе работат до 12 часот, а утре е неработен ден за државната и јавната администрација, а нема да работат ниту основните и средните училишта на подрачјето на град Скопје. Се препорачува и приватниот сектор, особено во Општина Карпош и општините кои гравитираат околу спортскиот центар „Борис Трајковски“ и хотелот „Александар Палас“ да ги спроведат заклучоците од Владата. Неработниот ден не се однесува на градинките и здравствените установи.