
Посилен сум од кога било, порача поранешниот претседател на Албанија и лидер на Партијата на слободата, Илир Мета во својата прва реакција по вчерашното негово апсење поради сомнежи за корупција.
Апсењето, вели тој во објава на социјалните мрежи, ја покажува паниката на „диктаторскиот режим од соочувањето со вистината.
„Моето денешно киднапирање на најнасилнички начин ја покажува паниката на диктаторскиот режим од соочување со вистините. Ве уверувам дека откако дознав за одлуката за моето апсење, се чувствувам посилно од било кога и уште повеќе верувам во мојата целосна невиност. Се чувствувам горд што бев насилно киднапиран од антиалбанци и оние кои говорат албански само поради мојот патриотизам и заштита на националните интереси“, напиша Мета на Фејсбук.
Тој во објавата им се заблагодарува на сите членови на неговата Партија на слободата за поддршката што му ја дале и додава дека од денес се отвора нова страница во нивната борба без компромис со, како што вели, брутално инсталираната нарко-држава.