Поскапува парното за 2.500 корисници на ЕСМ Енергетика и Скопје Север

Од 1 март за 5,17 отсто се зголемува цената за потрошувачите на топлинска енергија на ЕСМ Енергетика, а за 5,25 отсто поскапува парното за корисниците на Скопје Север – Енерџи еколинк, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Станува збор за вкупен конзум од 2.500 потрошувачи.
-Кога ја соопштивме цената за најголемиот систем преку кој со парно се снабдуваат над 95 отсто од домаќинства, најавивме дека и овие две компании имаат поднесено барање за корекција на цената. Познато е дека поради комплексните геополитички случувања цената на природниот гас на светските берзи е зголемена, поточно во последниот квартал од минатата година имама раст од 16 отсто што е и главна причина и за оваа одлука, посочи претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Овие две компании, додаде, доставија барање за корекција на цената во текот на месец февруари, по што РКЕ изврши соодветни анализи и врз основ на тоа донесе одлуки за корекција на цената за потрошувачите на топлинска енергија за ЕСМ Енергетика и Скопје Север – Енерџи еколинк, која ќе стапи на сила од 1 март.