Поскапувањето на метанот ја отежна работата на ЈСП

Сè уште без да се најдат начини за надминување на старите проблеми, Јавното претпријатие во Скопје се соочува со нови тешкотии. Поради поскапувањето на метанот од 50 на 110 денари, оваа компанија бара субвенции од државата. Според директорот на компанијата, Иван Илиевски, доколку Владата не даде субвенции тогаш ќе се разгледуваат други опции, како намалување на линиите или покачување на цената на билетите, но во моментов не се разгледуваат.
Директорот на претпријатието рече дека наскоро ќе имаат средба и со приватни компании, кои сакаат да им се плаќа повеќе по километар за да се подобри состојбата на автобусите. Директорот ќе ги разгледува и договорите со приватниците, бидејќи честопати кога се прават одредени прекршоци од приватни автобуси, досега ЈСП кревала раце, велејќи дека тие не се нивни автобуси. Останува нејасно како Град Скопје ќе го исполни ветувањето за бесплатен јавен превоз, со оглед на моменталната состојба на претпријатието. Долгот што го има компанијата е 250 милиони денари, каде што најголем дел од долгот е за гориво. Директорот оптимист вели дека тешкотиите на компанијата ќе се надминат за 6 месеци.
Еви Шкопи