
Без разлика на тоа што Артан Груби е во бегство, постапката против него продолжува, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа до каде е процесот за обезбедување на поранешниот вицепремиер, второосмничен за случајот со милионски злоупотреби во државна лотарија. Недостапен за надлежните органи во овој случај е и Перпарим Бајрами, поранешниот директор на Државна Лотарија, кој е првоосомничен во случајот.
“Во однос на Артан Груби, јавноста знае дека има меѓународна потерница меѓутоа јавните обвинители понатаму презмаат дејствија во однос на постапката. Така да без разлика што тој е во бегство, и Артан Груби и другиот осомничен постапката и натаму продолжува и ќе биде јавноста известена за евентуално секое дејствие”, рече Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител.
Покрај за овој случај, поранешниот вицепремиер во бегство е предмет на обвинителството и во случајот отворен откако тој заврши на црната листа на САД заедно со апелациониот судија Енвер Беџети поради сомневање дека земале мито за поткопување на судските процеси против поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Сепак, процесот кој се води во земјава и натаму е во предистрага.
„ Заедно со тој предмет што се однесува и за судијата и за Артан Груби и евентуално тоа за потенцијален друг сторител се води предистражна постапка и го кажав тоа дека натаму ќе видиме како ќе се одвива.
Зборувајќи за другите предмети актуелни во јавноста Коцевски рече дека за финансиската истрага за случајот Соравија во која е вклучен внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети, во обвинителството се водат две постапки – едната во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, додека другата во Основното јавно обвинителство Скопје. Коцевски потврди и дека обвинителството во Битола води постапки за шест јавни тендери во ЕСМ, како и дека овде е вклучена и финансиската полиција.