Постизборната пи-ар војна не стивнува, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се расправаат кој поминал полошо на саботните избори

По изборите за градоначалници во Маврово-Ростуше и во Центар Жупа, како и за членови на Советот на Општина Тетово, кои се одржаа во саботата, не престануваат препукувањата меѓу двете најголеми партии во земјава. Двете страни си ги фалат сопствените резултати и водат јавна полемика околу скорот што го постигнале нивните опоненти.
Од една страна, од владејачкиот СДСМ вели дека пропаднале сите нарачани анкети на ВМРО-ДПМНЕ, а оти партијата доживеала дебакл на изборите за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа, додека во Тетово имала пад на гласовите.
„Со разлика од 1 300 гласа кандидатот на СДСМ и коалицијата во Маврово-Ростуше го победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ беше поразена и во Центар Жупа, каде ги бојкотираше изборите, надевајќи се дека ќе пропаднат, но кандидатот на владејачката коалиција победи со освоени над 3 000 гласови. СДСМ и коалицијата во Центар Жупа има повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ во Тетово каде што има над 80 000 гласачи“, се наведува во писменото соопштение од СДСМ.
Од друга страна, пак, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека ја надополниле победата од локалните избори, додавајќи дека власта нема повеќе легитимитет да раководи со институциите.
„Убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово наспроти поразот на СДСМ покажува дека власта нема повеќе кредибилитет да продолжи да раководи со институциите. Победата на ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА над СДСМ и ДУИ само потврдува дека народот е против оваа криминалната коалиција“, се наведува во соопштението на партијата.
За нив прославата на победата на единствениот кандидат за градоначалник во Општина Центар Жупа е во најмала рака смешна оти, како што велат, СДСМ таму се борела со имагинарен противник.
„Ова покажува дека Ковачевски може да победува само со замислени противници. И затоа треба да си поднесе оставка“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата уште еднаш повикаа на предвремени парламентарни избори, кои како што велат, се повеќе од неопходни.