Потенцијално фаворизирачки конкурс за нов ректор на ДУТ

Изборот на нов ректор на Универзитетот во Тетово го придружуваат голем број потенцијални прекршувања на Законот за високо образование и Статутот на оваа институција. Критериумите кои треба да ги исполни кандидатот за ректор се дискриминаторски и незаконски „дизајнирани“ за да фаворизираат одреден кандидат или да спречат потенцијална кандидатура на друг заинтересиран професор.
Неопходни критериуми за избор на ректор на Универзитетот во Тетово:
• Да е државјанин на Република Северна Македонија
• Да биде од редовните професори, со најмалку 15 години работно искуство како наставен кадар
• Надлежност за вршење на функцијата ректор, вклучително: Управување со процесите во високото образование, што се потврдува и со неподнесување оставка од некоја раководна позиција во рамките на универзитетските единици.
Но и покрај ова, ниту во Законот за високо образование, ниту во Статутот на Универзитетот во Тетово нема член кој дозволува поставување дополнителни критериуми. Според Статутот, ректорот се избира според критериумите утврдени во Законот за високо образование, каде единствен критериум е кандидатот да биде од редовите на редовните професори.
Од Универзитетот во Тетово велат дека Сенатот поставил дополнителни критериуми, но не објаснуваат која законска одредба им го дозволува тоа.
„Кандидатот за ректор треба да биде државјанин на Република Северна Македонија и да биде редовен професор со времетраење од најмалку 15 години, потребно за секое научно звање или соработник кое му претходи на изборот како редовен професор. Надлежностите кои треба да ги има секој кандидат за ректор се одредени од Сенатот на Универзитетот, како највисок орган на Универзитетот, со автономно право да одлучува врз основа на автономни универзитетски надлежности во независното донесување одлуки“, велат од ДУТ.
Со овој Сенат, кој според Универзитетот е „независен“, во моментов раководи неговиот поранешен ректор, Вулнет Ахмети. Дознаваме дека Државниот просветен инспекторат истражува дали е легитимен и законски конкурсот за ректор и другите одлуки донесени од страна на актуелниот Сенат на овој универзитет и за двајцата досегашни ректори, Вулнет Ахмети и Куштрим Ахмети. Имено и нивниот избор на овие должности е спорен, со што се прекршени сите законски рокови и еден друг член од Статутот за начинот на избор. Во дел од жалбите кои стигнале до Инспекторатот има елементи на кривично дело „злоупотреба на службена должност“.
Го прашавме Јавното обвинителство дали отворило предмет или не, но до овој момент не добивме одговор.
Во меѓувреме, според законот, Министерот за образование и наука, во овој случај Јетон Шаќири, доколку утврди повреда, има право да го запре конкурсот за избор на ректор на Тетовскиот универзитет и да ја испрати одлуката за оценување во Уставен суд. Од МОН за АЛСАТ велат дека ги чекаат резултатите од Просветниот инспекторат.
„Во тек е проверката на Државниот просветен инспекторат во ТУ во однос на конкурсот за избор на ректор. Откако ќе биде подготвен извештај, ќе бидат споделени повеќе информации за јавноста“, велат од МОН.
Конкурсот за ректор беше објавен на 18 мај, а трае до 29-тти. Новиот ректор треба да ја преземе функцијата следната академска година, поточно на 15 септември.
Ардит Рамадани