МАКЕДОНИЈА

Потпретседатели на Собрание, Заев: Ако ВМРО-ДПМНЕ се откаже, ќе се откажеме и ние


Доколку ВМРО-ДПМНЕ се откаже од своето право на потпретседател во Собранието, тоа ќе го стори и СДСМ, порача мандатарот за состав на новата влада, Зоран Заев кој денеска присуствуваше на одбележувањето на Денот на рударите во Македонска Каменица што е воедно и Ден на градот.

„Ако се откаже ВМРО- ДПМНЕ, ќе се откаже и СДСМ од своето место со што ќе се отвори простор за помалите партии“, рече тој.

Овој пат, истакна Заев, се утврди бројката на потпретседатели и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ можат да имат по еден потпретседател, што значи дека тогаш би останале трите места и за помалите политички заедници во државата.

„Ако ВМРО-ДПМНЕ се повлече, ќе се повлечеме и ние и ќе отстапиме простор на помалите партии. Јас внимателно ја слушав нивната изјава, тие рекоа не го прифаќаме предлогот на Заев, може да се повлечат, ќе видиме како ќе постапат, така ќе се однесуваме, поради тоа што на крајот одговорноста е на сите нас“, рече лидерот на СДСМ.

Тој изрази надеж оваа генерација на политичари е првата која вети рационализација на администрацијата.

„Токму заради штедењето на парите кои ги нема бесконечно, наше право и обврска е да кажеме каде е најпотребно да ги релоцираме тие пари. Затоа и ги намаливме ресорите на Владата од 26 на 19 министри, ќе имаме спојување на многу институции и нивна рационализација да ја покачиме ефикасноста на самата јавна администрација и на институциите кои постојат“, додаде Заев.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button