
Загрепската полиција соопшти дека и денеска интензивно го пребарува коритото на реката Сава во Загреб во потрага по 3-годишно девојче. Полицијата вчера попладне добила пријава дека жена со дете во рацете влегла во реката Сава кај мостот во населбата Јанкомир. На жената и била укажана лекарска помош, а потрагата по детето е во тек.
На терен вчера биле вклучени пожарникари, цивилна заштита и припадници на хрватската планинска спасувачка служба, а биле активирани и тимови со чамци и дронови со термални камери.
Сите служби за итни случаи пребарувале област од околу 15 километри покрај реката Сава.
Потрагата во реката синоќа била прекината поради лошите временски услови, слабата видливост и надојдената река која била пребрза и матна за да се види нешто, но потрагата продолжила со кучиња трагачи.
Покрај полицијата, денеска на терен се и Хрватската планинска спасувачка служба (ХГСС), пожарникари и цивилната заштита, а во потрагата на реката Сава се користат и дронови.
Како што информираат од хрватскиот Црвен крст, потрагата по детето е продолжена, а во неа учествува и специјалистичкиот тим за спасување во вода.
„Тимот на Црвениот крст вклучува шест спасувачи кои ја пребаруваат Сава во координација со другите служби за итна помош. Спасувачите на Црвениот крст користат два брода во потрагата – чамец и специјализиран скутер за спасување. Интензивната потрага се одвива во тешки услови, но сите екипи прават се за да го пронајдат детето“, се вели во објавата на фејсбук-страницата на хрватскиот Црвен крст.