
Бројот на загинати од разорните поплави во американската сојузна држава Тексас на 4 јули достигна 104 лица, додека спасувачките тимови продолжуваат со потрага по исчезнатите во надојдените реки и расчистување на паднатите дрвја.
Властите најавија дека ќе почекаат со одговорите на прашањата околу метеоролошките предупредувања и зошто некои летни кампови не биле евакуирани навреме, иако било предвидено големо количество дожд.
Во христијанскиот камп за девојчиња „Мистик“, смртно настрадаа девојчиња и нивни воспитувачи. Според властите од округот Кер, каде што се наоѓа кампот, досега се пронајдени телата на 84 лица, меѓу кои 28 деца.
Десет девојчиња и еден воспитувач сè уште се водат како исчезнати.
Официјалните лица предупредуваат дека поради претстојните врнежи сè уште постои ризик од нови поплави, особено во централниот дел на Тексас. Тие изјавија дека бројот на жртви речиси сигурно ќе расте.