Повикани во МВР лицата кои се противат на ископите во Пчиња

Поради протестите против ископите на песок кај реката Пчиња, на десетици жители на Коњаре им стигнала покана за информативен разговор во полициската станица Петровец. Тие велат дека ова не е првпат полицијата да им упатува вакви покани, опишувајќи ја постапката како притисок да ги принуди да се откажат од протестите за заштита на земјоделското земјиште, водата и воздухот. Велат дека тоа нема да ги исплаши, ќе продолжат да протестираат сè додека не се најде решение.
„Поканите што ги добиваме од полицијата се само затоа што ја чуваме нашата земја, земјоделството, водата. Инаку 70 лица добиле покани и бараат да нè казнат. Еве ја поканата, само затоа што ја браниме нашата земја. 70 лица отидоа во полиција, срамота за градот и за државата, ова е голем срам.“
„И покрај сите овие повици што ни беа упатени, повиците на полицијата, продолжуваме со протест сè додека не се донесе конкретна одлука за сите соселани од Средно Коњаре“, реагираат жителите.
Од полицијата пак, тврдат дека жителите биле повикани за да добијат известување дека немаат право да протестираат на автопат. Потсетуваме, жителите на Коњаре протестираат веќе подолго време, а пред неколку недели Државниот инспекторат за животна средина донесе одлука да запре копањето за минерални суровини во Долно Коњаре. На концесионерот во наредните 60 дена му е забрането да копа песок кај реката Пчиња. Но, компанијата продолжува да работи.
Поради констатираните прекршоци од страна на Инспекторатот, пред две години Владата ја раскина концесијата со фирмата. Но, по одлука на судот да ја прифати жалбата, одлуката за еднострано раскинување на договорот е поништена и копањето продолжи.
Ајнур Бафќари