Повлекувањето на европските пари условено со исполнувањето на реформи

Властите ги кројат списоците со проекти и реформи од чие имплементирање ќе зависат и средствата кои Македонија ќе може да ги повлекува од Планот на ЕУ за раст на Западен Балкан, кој тежи шест милијарди евра. Кои реформи ќе се најдат во приоритетите би се знаело најдоцна до март, информира државната секретарка во СЕП, Дрита Абдиу Халили. Според неа, првичната верзија на реформскиот план добива поддршка од сите чинители. Сепак, таа ја отфрли тезата дека неофицијално и уставните измени може да се наметнат како услов на ЕУ за користење на парите.
„Имаме дел за владеењето на правото, каде имаме чекори кои треба да ги исполниме, а тие нас веќе ни се предвидени во реформската агенда. Немаме услов за уставните измени“, рече Дрита Халили Абдиу – Секретаријат за европски прашања.
Граѓанските организации се задоволни од Планот за раст. Симонида Кацарска од Институтот за европски политики, смета дека преку него евроинтеграцијата нема да биде далечна за граѓанинот. Воедно, условот – единствено ако се спроведе реформа да може да се повлечат пари, според Кацарска претставува претставува голема можност.
„Се надеваме дека можеме да го користиме како една алатка за притисок за реформи, меѓутоа и за внатрешно градење на консензус. Во оваа ситуација во која се наоѓаме пред исчекор во другата фаза од преговорите очекуваме дека овој план ќе ни даде уште малку импулс за да може да се спроведат реформски зафати, без коишто не би можеле да ги искористиме средствата понатаму“, рече Кацарска.
Освен реформи, државата треба да смисли и проекти на кои би ги трошела средствата. Во фокусот се инфраструктурата, дигитализацијата и зелената агенда. Како што претходно најави претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен, целта на Планот е економиите на земјите од Западен Балкан да се приближат до економијата на ЕУ. Шесте милијарди евра се предвидени за трошење до 2027 година, две милијарди се грантови, а четири милијарди се заеми.
Лука Андреев