Површен извештај од Владата за потрошените пари во Белград

Денеска новинарот на Алсат, Мефаил Исмаили, беше поканет во Владата за да го разгледа извештајот за расходите. Но, финансискиот сектор ни покажа извештај на Агенцијата која е ангажирана да ги организира активностите. Извештајот ги вклучуваше извршените активности, но не и деталниот буџет посебно за секоја активност.
Во извештајот на Агенцијата ангажирана од Владата за трошење на околу 400 илјади евра, се вели дека сите пари биле потрошени за дизајнирање логоа за учество на С Македонија на Винскиот саем, дизајн и печатење на брошури, текстови, изработка на видео-клипови за промоција на храна, вино и локална традиција, промоција преку социјалните мрежи како ФБ и Инстаграм, организација на концерти и ред други активности. Но, во извештајот немаше ниту збор колку пари биле потрошени за секоја ставка, туку само вкупната сума. Она што се издвои е фактот дека компанијата испечатила 100.000 флаери и 3.000 брошури во А5 формат.
Од Владата не соопштуваат детали за другите трошоци како што се патување, сместување по хотели и трошоци за храна.
Поради ова, Алсат денеска испрати дополнителни прашања до Владата. Бараме кабинетот на премиерот детално да ни ги соопшти трошоците за четиридневниот престој во Белград, платени со пари на граѓаните.
Владата на почетокот на септември потроши околу 400.000 евра за саем на виното кој се организираше во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“. Од овие пари, повеќе од 70 илјади евра беа потрошени само за организација на македонската вечер.
Мефаил Исмаили