Повторно нема учебници на стартот на новата учебна година

Две недели пред почетокот на учебната година се јавуваат истите проблеми, односно нема доволно учебници. Сè уште не се готови книгите за трето и шесто одделение. Се очекува ученици нив да ги добијат по почетокот на наставата. Министерот за образование Шаќири вели дека се прават напори да не се доцни многу.
„За трето одделение беше одобрен текстот од Националниот совет кој оди на техничко и графичко уредување и превод и убеден сум дека ќе се стигне на време. Има некои текстови за кои помина рокот за жалби од авторите кои не победија. Поради тоа, тие се во многу напредна фаза и убеден сум дека ќе стигнат до 1 септември. Дури и текстовите за шесто одделение сега се во трка, освен што по многу предмети се направени избори, тие се во трка за прифаќање на забелешките од авторите и тие се во напредна фаза, но ќе видиме во овие преостанати денови кои завршуваат, а кои не, но министерството е подготвено да го оствари својот дел од печатењето за да стигнат што поскоро кај учениците“, рече Шаќири.
Учениците од прво, второ, четврто и петто одделение мора да ја започнат учебната година со нови книги по сите предмети. Исклучок ќе биде учебникот за Историја и општество за петто за кој ќе има помошен материјал додека не биде готов. Учебната година ќе започне на 1 септември, а ќе заврши на 15 јуни, поради еднонеделниот пролетен распуст.
Ајнур Бафќари