ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Повторно поскапеа комуналните услуги во Струга

Локалните власти во Струга повторно удрија по џебот на стружани со нови повисоки сметки за комуналните услуги за 20%. За период од околу само една година ова е второ зголемување за нови 20%, па вкупно граѓаните сега плаќаат 40 отсто повеќе. Оние со кое зборувавме ни рекоа дека се немоќни да направат нешто. Сè поскапува, а платите остануваат исти.

Advertisements

„Народот овде има многу маки. Сметките на Комунално станаа скапи, а платите се мали. Каде и да одиш гледаш ѓубре. Народот не може на крај да излезе. Во Европа има поскапувања, но одма и платите одат нагоре…“

„Плати и ќути. Тоа е систем. Кое решение би нашле. Нема ни каде да се жалиш, нема ни каде да побараш. Не е воопшто како граѓаните ќе функционираат, многу е важно да се одржиме на власт. 90 посто се вработени во тие институции, другото бега од државата“, наведуваат граѓаните.

Директорот на Kомунално Струга, Икмет Ислами, за Алсат информираше дека биле принудени да ги зголемат цените поради зголемувањето на минималната плата и трошоците за работа. Но, опозицијата обвинува дека во јавното претпријатие лошо се менаџира работењето.

„Имајќи во предвид услугите што ги дава јавното претпријатие Комунално, со целата ситуацијата во градот и селата, за што сите имаме забелешки за дивите депонии во градот, ако не се подобри услугата, нема причина да се зголеми услугата. Образложението дека треба да се платат платите на вработените не држи“, рече Љуљзим Насуфи-претседател на Алијанса за Албанците, Струга.

„На истата оваа седница на совет советниците од СДСМ и ДУИ изгласаа одлука за преземање на долг од ЈП Комунално, кој го има кон УЈП по основ на неплатен ДДВ и Данок на добивка, за последните 10 години во вкупен износ од 700.000 евра. Тоа значи дека ЈП Комунално, износите на име на ДДВ кои ги пресметува и наплаќа од граѓаните со месечните фактори, за користење на нивните услуги, не ги уплаќало на УЈП“, рече Ален Деребан-ВМРО ДПМНЕ, Струга.

Инаку, струшкото комунално претпријатие функционира со блокирана жиро-сметка со точно определена рамка за исплата само на платите и останатите неопходни обврски.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button